Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Сириската Пешита — прозорец кон светот на раните библиски преводи

Сириската Пешита — прозорец кон светот на раните библиски преводи

Во 1892 год., близначките Агнес Смит Луис и Маргарет Данлоп Гибсон цели девет дена патувале со камила низ пустина за да стигнат до манастирот Света Катерина, во подножјето на планината Синај. Зошто овие две речиси 50-годишни жени тргнале на еден таков пат во време кога на Ориентот било многу опасно да се патува? Одговорот на тоа прашање може да ти помогне да си ја зајакнеш довербата во точноста на Библијата.

Агнес Смит Луис и манастирот Света Катерина

НЕПОСРЕДНО пред да се врати на небото, Исус им дал задача на своите ученици да сведочат за него „во Ерусалим, во цела Јудеја и Самарија и сѐ до крајот на земјата“ (Дела 1:8). Учениците го правеле тоа храбро и со ревност. Меѓутоа, со својата служба во Ерусалим набрзо си навлекле жестоко противење. Како резултат на тоа, Стефан бил убиен со маченичка смрт. Многу ученици на Исус се засолниле во Антиохија (Сирија), која била еден од најголемите градови во Римското Царство и се наоѓала на околу 550 километри северно од Ерусалим (Дела 11:19).

Во Антиохија учениците продолжиле да ја проповедаат „добрата вест“ за Исус. Така, многу не-Евреи станале верници (Дела 11:20, 21). Иако во градот Антиохија секојдневен јазик бил грчкиот, надвор од него и во целата провинција народот го зборувал сирискиот јазик.

ДОБРАТА ВЕСТ ПРЕВЕДЕНА НА СИРИСКИ

Бидејќи во вториот век се зголемил бројот на христијани кои зборувале сириски, се јавила потреба добрата вест да биде преведена и на нивниот јазик. Изгледа дека првиот јазик на обичниот народ на кој биле преведени делови од Христијанските грчки списи не бил латинскиот, туку сирискиот.

 Некаде до 170 год. од н.е., сирискиот писател Татијан (околу 120-173 год. од н.е.) ги комбинирал четирите канонски евангелија и го создал, на грчки или на сириски јазик, делото наречено Дијатесарон, грчки збор што значи „преку четирите [евангелија]“. Подоцна, сирискиот изучувач Ефрем (околу 310-373 год. од н.е.) напишал коментар за ова издание, со што потврдил дека тоа било во општа употреба меѓу сириските христијани.

Делото Дијатесарон е од големо значење за нас денес. Зошто? Во 19 век, некои изучувачи тврделе дека евангелијата биле напишани дури во вториот век, поточно некаде помеѓу 130 и 170 год. од н.е., и затоа не би можеле да бидат веродостоен извештај за животот на Исус. Но, откритието на овие древни ракописи покажа дека евангелијата според Матеј, Марко, Лука и Јован веќе биле во широка употреба во средината на вториот век. Значи, мора да биле напишани порано. Освен тоа, кога го составувал делото Дијатесарон, Татијан главно ги користел четирите прифатени, канонски евангелија. Тоа покажува дека апокрифните евангелија не биле сметани за веродостојни, односно канонски.

Првите пет книги од сириската Пешита (464 год. од н.е.), вториот најстар ракопис на библиски текст

До почетокот на петтиот век, во северна Месопотамија почнал нашироко да се користи еден превод на Библијата на сириски јазик. Тој веројатно бил направен во текот на вториот или третиот век од н.е. и ги содржел сите книги од Библијата освен 2. Петрово, 2. и 3. Јованово, Јуда и Откровение. Познат е како Пешита, што значи „едноставен“ или „јасен“. Овој превод е еден од најстарите и најважни документи што сведочат за раното пренесување на библискиот текст.

Интересно е тоа што на еден ракопис на преводот Пешита е испишан датум кој одговара на 459/460 год. од н.е., што покажува дека е најстар датиран библиски ракопис. Некаде во 508 год. од н.е., било направено ревидирано издание на преводот Пешита, во кое биле вклучени петте книги што недостасувале. Тоа издание станало познато како Верзија Филоксенијана.

ОТКРИЕНИ СЕ И ДРУГИ СИРИСКИ РАКОПИСИ

До почетокот на 19 век, речиси сите познати грчки преводи на Христијанските грчки списи потекнувале од петтиот век или многу подоцна. Од таа причина, библиските изучувачи биле посебно заинтересирани за рани преводи како што биле латинската Вулгата и сириската Пешита. Во тоа време, некои верувале дека преводот Пешита бил резултат на ревидирањето на еден постар сириски превод. Меѓутоа, никој немал пронајдено таков текст. Бидејќи Библијата на сириски јазик влече корени од вториот век, таквиот превод би бил како прозорец кон библискиот текст во оригиналните верзии и сигурно би бил од непроценлива вредност за библиските изучувачи! Дали навистина постоел еден таков стар сириски превод? Дали некогаш бил пронајден?

Палимпсестот наречен Синајско-сириски кодекс. На маргините може да се забележи дека одоздола биле испишани евангелијата

Да — постоел и бил пронајден, и тоа не еден туку два скапоцени сириски ракописи! Првиот ракопис потекнува од петтиот век. Тој бил меѓу многубројните сириски ракописи што ги набавил Британскиот музеј во 1842 год. од еден манастир во Нитриската Пустина во Египет. Бил наречен Кортонско-сириски кодекс бидејќи го открил и го објавил Вилијам Кортон, помошник-чувар на ракописите во музејот. Овој скапоцен документ ги содржел четирите евангелија по редослед Матеј, Марко, Јован и Лука.

Вториот ракопис кој останал до денешно време е наречен Синајско-сириски кодекс. Неговото откривање е поврзано со близначките авантуристки што беа спомнати во почетокот на оваа статија. Иако Агнес немала факултетска диплома, научила осум странски јазици, од кои едниот бил сириски. Во 1892 год., Агнес дошла до едно значајно откритие во манастирот Света Катерина во Египет.

 Во еден темен долап во манастирот, таа нашла еден ракопис на сириски јазик. Подоцна, Агнес раскажала: „Изгледаше страшно. Целиот беше прекриен со прав, а листовите му беа речиси залепени бидејќи не биле прелистувани“ со векови. Тој документ претставувал палимпсест *‚ од кој првобитниот текст бил избришан и на истите страници бил испишан сириски текст за жените светици. Меѓутоа, Агнес забележала дел од текстот што бил избришан, а на врвот од страницата ги препознала зборовите „според Матеј“, „според Марко“ и „според Лука“. Во рацете држела речиси комплетен Сириски кодекс што ги содржел четирите евангелија! Денес изучувачите сметаат дека тој кодекс бил напишан кон крајот на четвртиот век.

Синајско-сирискиот кодекс се смета за еден од најважните библиски ракописи што биле откриени, покрај грчките ракописи како што се Синајскиот и Ватиканскиот кодекс. Општо прифатено е дека и Кортонско-сирискиот и Синајскиот кодекс се останати примероци од старите сириски Евангелија што датираат од крајот на вториот до почетокот на третиот век.

„РЕЧТА НА НАШИОТ БОГ ОСТАНУВА ДОВЕКА“

Дали овие ракописи можат да им бидат од корист на оние што ја проучуваат Библијата во денешно време? Се разбира дека можат! Да го земеме како пример таканаречениот долг заклучок на евангелието според Марко, кој во некои Библии следи по Марко 16:8. Тој се појавува во грчкиот Александриски кодекс од петтиот век, во латинската Вулгата и во други преводи. Меѓутоа, два авторитетни грчки ракописи од четвртиот век — Синајскиот кодекс и Ватиканскиот кодекс — завршуваат со Марко 16:8. Ниту Синајско-сирискиот кодекс не го содржи овој долг заклучок, што претставува натамошен доказ дека долгиот заклучок бил додаден отпосле и дека во изворниот текст не бил дел од евангелието според Марко.

Да наведеме уште еден пример. Во 19 век, речиси сите библиски преводи имале еден додаден дел во 1. Јованово 5:7 што го поткрепувал тројството. Меѓутоа, овој дел не се појавува во најстарите грчки ракописи, а не се појавува ни во преводот Пешита. Тоа докажува дека зборовите што се додадени во 1. Јованово 5:7 навистина претставуваат извртување на библискиот текст.

Се разбира, Јехова Бог си останал на своето ветување дека ќе ја зачува својата Света Реч. Во неа ни е дадено следново уверување: „Тревата се суши, цветот венее, но речта на нашиот Бог останува довека“ (Исаија 40:8; 1. Петрово 1:25). Преводот познат како Пешита игра скромна, но важна улога во точното пренесување на библиската порака до сите луѓе.

^ пас. 15 Грчкиот збор палимпсестос значи „повторно истружен“.