ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | КАКО ГЛЕДА БОГ НА ВОЈНИТЕ?
Како гледа Бог на војните денес
Денес голем број луѓе се угнетувани. Многу од нив постојано го молат Бог за помош и се прашуваат дали некогаш ќе ги ослободи од нивните маки. Дали Бог ги слуша нивните молби за помош? Како гледа Бог на оние што започнуваат војни за да му стават крај на угнетувањето што го трпат? Дали ги оправдува и дали ги поддржува таквите војни?
Голема утеха може да ти влее следнава мисла: Бог ги гледа страдањата што се случуваат во светот денес и има намера да преземе нешто (Псалм 72:13, 14). Во својата Реч, Библијата, Бог ветува дека ‚ќе им донесе олеснување на оние што трпат неволја‘. Кога ќе се случи тоа? Во 2. Солуњаните 1:7, 8 пишува: „Кога од небото ќе се појави Господарот Исус со своите моќни ангели... и кога ќе изврши одмазда над оние што не го познаваат Бог и не ѝ се покоруваат на добрата вест за нашиот Господар Исус“. Библијата вели дека Исус ќе се појави во иднина и ќе ја поведе „војната која ќе се случи во големиот ден на Семоќниот Бог“, позната и како Армагедон (Откровение 16:14, 16).
Во таа војна што ќе се води во иднина нема да учествуваат луѓе. Бог ги овластил својот Син, Исус Христос, и други моќни духовни суштества да војуваат против злобните. Тие ќе му стават крај на сето угнетување (Исаија 11:4; Откровение 19:11-16).
До ден-денес, Божјето гледиште за војните не се променило. Бог сѐ уште ја смета војната за оправдано средство со кое им се става крај на угнетувањето и злобата. Но, како што било случај во текот на целата историја, само Бог има право да одлучи кога ќе започне една таква војна и кој ќе учествува во неа. Како што видовме, Бог веќе одредил во иднина да им стави крај на
злобата и на угнетувањето преку војната која ќе ја води неговиот Син, Исус Христос. Ова значи дека тој не ги одобрува војните денес без оглед на тоа колку оправдана можеби изгледа причината поради која се водат.Размисли за следнава споредба. Замисли си две братчиња кои се тепаат додека нивниот татко не е дома. Тие му се јавуваат на таткото и едното дете вели дека брат му ја започнал тепачката, додека другото дете тврди дека другиот е крив. И двајцата се жалат кај таткото надевајќи се дека ќе добијат поддршка од него. Сепак, откако ги сослушува и двете страни, таткото им вели да престанат да се тепаат и да чекаат тој да се врати дома за да ја среди работата. Некое време децата чекаат. Но за кратко, повторно почнуваат да се тепаат. Кога пристигнува дома, таткото им е лут и на двете деца и ги казнува затоа што не го послушале.
Денес, народите што водат војни честопати го молат Бог за поддршка. Но, Бог не зазема страна во денешните војни. Во својата Реч, Библијата, тој јасно вели: „Никому не враќајте зло за зло“ и „Не одмаздувајте се“ (Римјаните 12:17, 19). Освен тоа, Бог кажал дека луѓето треба стрпливо да чекаат тој да преземе акција во војната Армагедон (Псалм 37:7). Кога луѓето не чекаат и си земаат за право самите да започнуваат војни, Бог го смета тоа за дрскост. Затоа во Армагедон ќе го излее својот гнев и еднаш засекогаш ќе ги реши судирите меѓу народите со тоа што ќе ги прекине сите војни (Псалм 46:9; Исаија 34:2). Армагедон ќе биде војна која ќе им стави крај на сите војни.
Тоа што нема да има војни е еден од многуте благослови што ќе ги донесе Божјето Царство. Во молитвата позната како Оченаш, Исус ја спомнал оваа влада. Тој се молел: „Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:10). Освен што ќе ги отстрани војните, Божјето Царство ќе ја отстрани главната причина за војните — злобата * (Псалм 37:9, 10, 14, 15). Следбениците на Исус едвај чекаат да ги доживеат благословите што ќе ги донесе Божјето Царство (2. Петрово 3:13).
Но, колку долго треба да чекаме за Божјето Царство да им стави крај на страдањата, угнетувањето и злобата? Библиските пророштва што се исполнуваат во нашево време ни покажуваат дека живееме во „последните денови“ (2. Тимотеј 3:1-5). * Наскоро Божјето Царство ќе им стави крај на овие последни денови во војната Армагедон.
Како што видовме, во оваа последна војна ќе бидат уништени оние што одбиваат ‚да ѝ се покорат на добрата вест за нашиот Господар Исус‘ (2. Солуњаните 1:8). Но, имај на ум дека на Бог не му е мило луѓето да умираат, дури ни оние што се злобни (Езекиел 33:11). Бидејќи „не сака никој да биде уништен“ во таа последна војна, Бог се погрижил добрата вест за нашиот Господар Исус да „биде проповедана по целиот свет за сведоштво на сите народи“ пред да дојде крајот (2. Петрово 3:8, 9; Матеј 24:14; 1. Тимотеј 2:3, 4). Преку проповедничкото дело што Јеховините сведоци го извршуваат во целиот свет, луѓето денес имаат можност да го запознаат Бог, да ја прифатат добрата вест за Исус и да го дочекаат времето кога повеќе нема да има војни.
^ пас. 9 Божјето Царство ќе го отстрани и најголемиот непријател на човештвото — смртта. Како што пишува во статијата „Одговор на библиски прашања“, Бог ќе воскресне безброј луѓе, меѓу кои ќе бидат и луѓето што низ историјата го изгубиле својот живот во војните.
^ пас. 10 Повеќе информации за тоа дека живееме во последните денови можеш да најдеш во поглавје 9 од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци.