Дали Библијата го забранува сексуалното задоволство?
Што вели Библијата:
Не. Таа покажува дека сексуалното задоволство е дар од Бог за оние што се во брак. Бог ги создал луѓето како „машко и женско“. Тој рекол дека сѐ што создал било „многу добро“ (1. Мојсеева 1:27, 31). Кога Бог го склучил бракот меѓу првите маж и жена, им рекол дека треба да „станат едно тело“ (1. Мојсеева 2:24). Во тоа е вклучена сексуалната интимност и емоционалната приврзаност.
Бог сака мажите да чувствуваат задоволството во бракот. Во Библијата пишува: „Радувај се со жената на својата младост... Нејзините гради нека те опиваат во секое време. Со нејзината љубов биди секогаш во занес“ (Изреки 5:18, 19). Бог сака и жените да уживаат во половите односи. Во Библијата стои: „Мажот нека ја исполнува брачната должност спрема жената, а исто така и жената спрема мажот“ (1. Коринќаните 7:3).
Постојат ли некакви граници?
Бог ги дозволува половите односи само во бракот. Во Евреите 13:4 пишува: „Бракот нека биде чесен меѓу сите и брачната постела нека биде чиста, зашто Бог ќе им суди на блудниците и на прељубниците“. Брачните партнери мора да бидат верни и оддадени еден на друг. За бракот да биде среќен, сопружниците не треба да мислат на своите себични желби, туку треба да го применуваат следново библиско начело: „Повеќе усреќува давањето отколку примањето“ (Дела 20:35).