Кога биле напишани евангелијата?
Што вели Библијата:
Во врска со својот извештај за настаните од Исусовиот живот, апостол Јован напишал: „Оној што го виде тоа, сведочи, и неговото сведоштво е вистинито. Тој знае дека ја зборува вистината, за да верувате и вие“ (Јован 19:35).
Една причина зошто можеме да имаме доверба во евангелијата е тоа што Матеј, Марко, Лука и Јован ги напишале додека сѐ уште биле живи многу очевидци на настаните за кои се зборува во тие извештаи. Според некои извори, евангелието на Матеј било напишано само осум години по смртта на Христос, односно некаде во 41 год. од н.е. Многу изучувачи тврдат дека тоа било напишано некое време подоцна, но општо земено постои согласност дека сите книги на Христијанските грчки списи биле напишани во текот на првиот век од н.е.
Луѓето што го виделе Исус додека живеел на Земјата, оние што биле сведоци на неговата смрт и оние што го виделе неговото воскресение, можеле да ги потврдат извештаите од евангелијата. Исто така, лесно би можеле да разоткријат секакви грешки. Професор Ф. Брус напишал: „Една од јаките страни на проповедничката активност на апостолите е тоа што со цврста увереност се повикувале на фактите што и самите луѓе ги знаеле. Тие не велеле само: ‚Ние сме сведоци на овие работи‘ туку велеле: ‚Како што и самите знаете‘ (Дела 2:22)“.