Кои биле нефилите?
Што вели Библијата:
Нефилите биле насилни џинови, неприродно потомство од сексуалните односи што ги имале злобните ангели со жените во времето на Ное. a
Во Библијата пишува: „Синовите на вистинскиот Бог забележаа дека човечките ќерки се убави“ (1. Мојсеева 6:2). Овие синови на Бог всушност биле духовни суштества кои се побуниле против Бог и го напуштиле „своето вистинско живеалиште“ на небото, а потоа се материјализирале, односно се претвориле во луѓе, и си ги земале за жени сите што ќе ги избереле (Јуда 6; 1. Мојсеева 6:2).
Децата што се раѓале од таквите неприродни врски не биле обични деца (1. Мојсеева 6:4). Тие биле џинови кои ги малтретирале сите околу себе и ја исполниле Земјата со насилство (1. Мојсеева 6:13). За нив Библијата вели: „Тоа беа силници, прочуени луѓе, кои живееја во старо време“ (1. Мојсеева 6:4). Тие имале многу лошо влијание врз луѓето и останале запамтени како насилници кои сееле страв насекаде (1. Мојсеева 6:5; 4. Мојсеева 13:33). b
Погрешни верувања за нефилите
Погрешно верување: Нефилите сѐ уште живеат на Земјата.
Вистина: Јехова пуштил потоп на целата Земја за да го уништи тој насилен свет. Заедно со лошите луѓе умреле и нефилите. За разлика од нив, Ное и неговото семејство нашле милост кај Јехова и биле единствените кои го преживеале Потопот (1. Мојсеева 6:9; 7:12, 13, 23; 2. Петрово 2:5).
Погрешно верување: Нефилите имале човечки татковци.
Вистина: Татковците на нефилите се наречени синови на вистинскиот Бог (1. Мојсеева 6:2). Со тој израз Библијата ги опишува ангелите (Јов 1:6; 2:1; 38:7). Ангелите имале моќ да се материјализираат во човечки облик (1. Мојсеева 19:1-5; Исус Навин 5:13-15). Освен тоа, апостол Петар зборувал за „духовите во затвор, кои некогаш беа непослушни кога Бог стрпливо чекаше во Ноевите денови“ (1. Петрово 3:19, 20). Осврнувајќи се на истиот период, библискиот писател Јуда напишал: „[Некои ангели] не ја задржаа својата првобитна положба, туку го напуштија своето вистинско живеалиште“ (Јуда 6).
Погрешно верување: Нефилите биле злобни ангели.
Вистина: Контекстот на 1. Мојсеева 6:4 покажува дека нефилите не биле ангели, туку неприродно потомство на материјализираните ангели. Откако тие ангели почнале да си земаат жени, Јехова рекол дека за 120 години ќе го уништи тој безбожен свет (1. Мојсеева 6:1-3). Библијата вели дека „во тие денови“, материјализираните ангели имале „полови односи со човечките ќерки“, па тие им раѓале синови — насилници кои биле познати како нефили (1. Мојсеева 6:4).
a Хебрејскиот збор преведен со „нефили“ веројатно значи „соборувачи“. Во Wilson’s Old Testament Word Studies пишува дека со тој збор се опишани оние кои „навалуваат на луѓето со насилство и грабеж и ги соборуваат“.
b Израелските извидувачи кои се цитирани во 4. Мојсеева 13:33 очигледно виделе толку големи и крупни луѓе што се потсетиле на извештајот за нефилите, кои изумреле долги векови пред тоа (1. Мојсеева 7:21-23).