Дали мора да припаѓаме на некоја религија?
Што вели Библијата:
Да, бидејќи Бог сака луѓето да се собираат за да го обожаваат. Библијата вели: „Да размислуваме еден за друг за да се поттикнуваме кон љубов и кон добри дела, и да не ги пропуштаме нашите состаноци“ (Евреите 10:24, 25).
Исус укажал дека неговите следбеници ќе бидат дел од организирана група кога им рекол: „По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг“ (Јован 13:35). За да покажат дека се сакаат еден со друг, учениците на Христос требало да се собираат со своите соверници. Тие требало да бидат дел од собранија и редовно да се состануваат за да го слават Бог заедно (1. Коринќаните 16:19). Сите тие собранија требало да сочинуваат едно меѓународно братство (1. Петрово 2:17).
Не е доволно само да се припаѓа на некоја религија
Иако од Библијата дознаваме дека треба да се собираме со соверниците за да го обожаваме Бог, од неа учиме и дека не е доволно само да припаѓаме на некоја религија. За едно лице да му угоди на Бог, неговата религија треба да влијае врз неговиот начин на живот. На пример, Библијата вели: „Чиста и непорочна вера пред Бога Отецот е оваа: да се грижиш за сираци и вдовици во нивните маки и да се пазиш да останеш неосквернет од светот“ (Јаков 1:27, Превод на МПЦ — Ревидирано издание).