СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | ЗА РОДИТЕЛИТЕ
Ако твоето дете сака да си го одземе животот
Во последниве години, во некои земји бројот на тинејџери кои извршиле самоубиство значително се зголемил. Која е причината за ова? Дали твоето дете можеби има самоубиствени мисли?
Во оваа статија
Децата и самоубиствата — зошто родителите треба да бидат свесни за оваа опасност?
Во периодот од 2009 до 2019 год., во САД бројот на средношколци со симптоми на депресија се зголемил за 40 отсто. Исто така, во текот на тој период се зголемила и стапката на самоубиства. a
„Младите денес се соочуваат со проблеми какви што немале претходните генерации... Овие проблеми значително им го нарушуваат менталното здравје“ (Вивек Мурти, генерален хирург на САД).
Библиско начело: „Скршениот дух ги суши коските“ (Изреки 17:22).
Како може да знаеш дали твоето дете размислува за самоубиство?
Размисли за следниве фактори.
Настани. Дали твојата ќерка b доживеала некаква трагедија — била отфрлена од некого, ѝ раскинал дечкото, се соочила со некаков неуспех или ѝ починал некој близок? Ако да, дали тоа влијае врз неа повеќе отколку што си мислиш?
Однесување. Дали твојата ќерка се изолира од пријателите или од семејството или повеќе не сака да учествува во активности во кои порано уживала? Дали таа дала некому лични работи што многу ѝ значат?
Изјави. Дали твојата ќерка зборува за смрт или кажува работи, како на пример: „Не ми се живее“? Дали ти кажува дека не сака да ти биде товар?
Се разбира, понекогаш таа можеби ќе зборува непромислено (Јов 6:3). Но, понекогаш ваквите изјави, всушност, може да бидат знак дека бара помош. Затоа, кога твојата ќерка ќе каже што и да е во врска со тоа дека не сака да живее, сфати го тоа сериозно.
Ако твојата ќерка каже дека размислувала да си го одземе животот, би можел да ја прашаш: „Дали си размислувала кога и како да го направиш тоа?“ Од нејзиниот одговор ќе дознаеш колку сериозна е ситуацијата.
„Како родители, можеби не сакаме да им поставуваме прашања на нашите деца бидејќи се плашиме од она што би можеле да ни го кажат. Но, ако она што го кажуваат, е она што го чувствуваат, зарем тогаш не е подобро да го знаеме?“ (Сандра).
Библиско начело: „Размислувањата во човековото срце се како длабока вода, а разборитиот човек знае како да ги исцрпи“ (Изреки 20:5).
Што може да направиш ако твоето дете има самоубиствени мисли?
Стрпливо труди се да дознаеш за што размислува и како се чувствува твојата ќерка. Најпрво, пофали ја за нејзината искреност. Потоа, би можел да ѝ кажеш: „Сакам да знам низ што минуваш и како се чувствуваш. Кажи ми што ти се случува во животот“ или „Можеш ли да ми опишеш како влијае врз тебе тоа што се чувствуваш така?“
Внимателно слушај додека твојата ќерка зборува. Немој да ги потценуваш нејзините чувства, ниту пак веднаш да ѝ даваш „решенија“ за нејзините проблеми.
Библиско начело: „Секој човек треба да биде брз на слушање, а бавен на зборување и бавен на гнев“ (Јаков 1:19).
Направи план како би можел да ја заштитиш. Помогни ѝ да ги утврди и да ги запише следниве работи:
Предупредувачки знаци. Што обично прави или за што размислува пред да ѝ се појават самоубиствени мисли?
Активности кои можат да ѝ помогнат. Кои активности најмногу ѝ помагаат да го намали стресот и да ги насочи мислите на нешто друго?
Луѓе кои можат да ѝ помогнат. Дали твојата ќерка покрај себе има луѓе кои ја поддржуваат и од кои може да побара помош кога ѝ е потребна? Тоа би можел да бидеш ти, некој друг возрасен во кого има доверба, некој стручњак за ментално здравје или некоја организација која е обучена да им помага на луѓе кои имаат самоубиствени мисли.
Библиско начело: „Плановите на трудољубивиот сигурно донесуваат корист“ (Изреки 21:5, фуснота).
Остани свесен за она што се случува. Продолжи да ја следиш ситуацијата, дури и ако ти се чини дека твоето дете се чувствува подобро.
„Кога син ми ми кажа дека повеќе не размислува за самоубиство, си мислев дека проблемот е решен. Но тоа беше огромна грешка. Ненадејно, би можело да се случи нешто што ќе предизвика на едно лице повторно да му се појават самоубиствени мисли“ (Даниел).
Помогни му на својот тинејџер да сфати една важна вистина во врска со чувствата. Тие се привремени. Во една книга пишува: „Тие се како времето. Дождот навистина постои и би било глупаво да стоиме надвор на пороен дожд и да се правиме како да не врне. Но исто толку глупаво би било да сметаме дека никогаш повторно нема да се појави сонце“ (The Whole-Brain Child).
Увери ја твојата ќерка дека ја поддржуваш: Кажи ѝ дека ја сакаш и дека секогаш ќе бидеш тука за неа. Би можел да додадеш: „Ќе направам сѐ што можам за да ти помогнам да се избориш со ова“.
Библиско начело: „Вистинскиот пријател сака во секое време, и брат станува во неволја“ (Изреки 17:17).