Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Како да ги подобрам моите комуникациски вештини?

Како да ги подобрам моите комуникациски вештини?

 Зошто да разговараш лице в лице?

 Некои велат дека е тешко и стресно да водиш разговор лице в лице со некого, особено во споредба со праќањето пораки.

 „Притисокот е поголем кога зборуваш со некого лице в лице зашто она што ќе го кажеш не можеш да го едитираш или да го избришеш“ (Ана).

 „Праќањето пораки е како снимка од некоја емисија, а разговорот лице в лице ти е како емисија во живо. Додека зборувам, низ главата само ми се врти: ’Пази што ќе кажеш, пази што ќе кажеш!‘“ (Џин).

 Но, кога-тогаш ќе треба да научиш како да зборуваш лице в лице. На пример, тоа може да ти помогне ако сакаш да стекнеш нови пријатели, ако сакаш да најдеш работа и да ја задржиш или ако сакаш да почнеш романтична врска кога ќе бидеш спремен за тоа.

 Но, нема потреба да се плашиш да зборуваш со другите лице в лице. Можеш да го научиш тоа — дури и ако си срамежлив.

 „Неизбежно е понекогаш да кажеш нешто што не треба и да ти дојде да пропаднеш в земја. Но немој да се сфаќаш себеси премногу сериозно“ (Нил).

 Како да почнеш разговор

  •   Поставувај прашања. Размисли што би можело да ги интересира луѓето и потоа искористи го тоа за да започнеш разговор. На пример:

     „Беше некаде летово?“

     „Оваа веб-страница е баш кул. Си ја разгледал некогаш?“

     „Слушна за...?“

     Би можел да искористиш и нешто поконкретно, нешто што ти е заедничко со оној со кого разговараш. На пример, ако одите во исто училиште или сте колеги, искористи го тоа во прашањата.

     „Размисли за прашања што тебе те интересираат и за кои би сакал да го чуеш мислењето на другите“ (Марица).

     Внимавај: Немој да звучиш како инспектор поставувајќи прашање по прашање. Исто така, не навлегувај во премногу лични работи. Прашањата како „Од што ти е страв најмногу?“ или „Зошто секогаш носиш сино?“ може да звучат така. А второто прашање може да звучи дури и како критика!

     Нема да звучиш како инспектор и ако, пред или откако ќе ти одговори другиот, си го кажеш своето мислење во врска со темата. Со други зборови, тоа нека биде разговор, а не интервју.

    Дали со твоите прашања звучиш како инспектор?

     Библиско начело: „Размислувањата во човековото срце се како длабока вода, а разборитиот човек знае како да ги исцрпи“ (Изреки 20:5).

  •   Слушај. Дали ќе го продолжиш разговорот повеќе ќе зависи од тоа дали те бива да слушаш отколку од тоа дали те бива да зборуваш.

     „Цел ми е да дознаам макар една нова информација за оној со кого зборувам. Потоа, се трудам да запамтам што ми кажал за да можам следниот пат да му поставам прашање во врска со тоа“ (Тамара).

     Внимавај: Не се секирај што ќе кажеш следно. Ако внимателно слушаш, ќе можеш да се надоврзеш на она што другиот го кажува.

     Библиско начело: „Секој човек треба да биде брз на слушање, а бавен на зборување“ (Јаков 1:19).

  •   Покажи дека вистински се интересираш за другиот. Многу повеќе ќе уживаш во разговорот ако вистински се интересираш за оној со кого зборуваш.

     „Кога на другиот ќе му дадеш до знаење дека вистински се интересираш за она што го кажува, разговорот ќе биде попријатен, дури и ако има по некоја чудна паузичка“ (Мари).

     Внимание: Не навлегувај во премногу лични работи. Со еден комплимент како „Многу ти е убав капутот. Колку пари го купи?“ може да претераш!

     Библиско начело: „Не грижете се само за себе туку и за другите“ (Филипјаните 2:4).

 Како би можел да завршиш еден разговор? „Труди се да завршиш со нешто позитивно“, вели еден млад човек по име Џордан. „На пример, ако кажеш ’Многу убав муабет си направивме‘ или ’Ти посакувам убав ден‘, ќе си подготвиш терен за убаво да си позборувате и следниот пат кога ќе се видите.“