Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Колкава е мојата емоционална издржливост?

Колкава е мојата емоционална издржливост?

 Колкава е твојата емоционална издржливост? Дали си се соочил со...

  •   смрт на некој близок?

  •   тешка болест?

  •   природна катастрофа?

 Стручњаците велат дека емоционална издржливост не ни е потребна само кога се соочуваме со големи проблеми. Дури и секојдневниот стрес може да ни го наруши здравјето. Затоа, без разлика дали се соочуваш со мали или со големи проблеми, важно е да развиеш емоционална издржливост.

 Што е емоционална издржливост?

 Емоционална издржливост е способност успешно да се справиш со промените и проблемите во животот. Луѓето што се емоционално издржливи имаат проблеми како и сите други луѓе. Сепак, тие успешно се справуваат со нив — можеби имаат по некоја лузна, но на крајот стануваат посилни од порано.

Исто како што некои дрвја се свиткуваат за време на една бура, но се исправаат кога ветриштата ќе стивнат, така и ти можеш повторно да застанеш на нозе по некоја тешкотија

 Зошто ти е потребна емоционална издржливост?

  •   Проблемите се неизбежен дел од животот. Библијата вели: „Трката не ја добиваат брзите... ниту се во милост оние што имаат знаење; зашто, времето и непредвидените настани го снаоѓаат секого од нив“ (Проповедник 9:11). Која е поуката? Дури и добрите луѓе страдаат, и честопати тоа не е затоа што направиле нешто погрешно.

  •   Емоционалната издржливост те штити. Еден педагог од едно средно училиште рекол: „Во мојата канцеларија доаѓаат сѐ повеќе ученици кои се многу вознемирени и не можат да ги контролираат своите чувства само затоа што добиле ниска оценка или затоа што некој кажал нешто лошо за нив на социјалните мрежи“. Тој вели дека ваквите проблеми изгледаат безначајно, но ако ученикот не знае како да се справи со ваквите проблеми, може да се појават „голем број ментални или емоционални нарушувања“. a

  •   Емоционалната издржливост ќе ти користи и сега и кога ќе станеш возрасен. Во врска со разочарувањата во животот, д-р Ричард Лернер напишал: „Ако некој сака да стане успешна и продуктивна возрасна личност, мора да знае да ги надмине разочарувањата во животот, да си постави нови цели и да се обиде да најде нови начини да го оствари она што го сака“. b

 Како можеш да развиеш емоционална издржливост?

  •   Реално проценувај ги своите проблеми. Научи да правиш разлика помеѓу големи и мали проблеми. Во Библијата пишува: „Безумникот веднаш ја открива својата лутина, а паметниот го покрива срамот“ (Изреки 12:16). Не дозволувај секој проблем силно да те погоди.

     „Децата на училиште се жалеа и правеа драма дури и за најмала ситница. Потоа, кога нивните пријатели на социјалните мрежи ќе им кажеа дека се во право, тие уште повеќе се вознемируваа и тоа им отежнуваше реално да гледаат на проблемите“ (Џоана).

  •   Учи од другите. Една библиска изрека вели: „Железо со железо се остри. Така човекот го остри лицето на друг човек“ (Изреки 27:17). Можеме многу да научиме од оние кои веќе минале низ разни бури во животот.

     „Додека разговараш со другите, ќе дознаеш дека минале низ многу тешки ситуации, но дека сега се добро. Прашај ги што направиле, а што не направиле за да се справат со нивната ситуација“ (Џулија).

  •   Биди стрплив. Библијата вели: „Ако праведникот падне и седум пати, пак ќе стане“ (Изреки 24:16). Потребно е време за да се справиме со некој проблем. Затоа, немој да се изненадиш ако понекогаш си тажен. Најважното е повторно „да станеш“.

     „Додека закрепнуваш од некој проблем, имај на ум дека е потребно време за да ти зараснат емоционалните рани. Тоа е процес и не може да се случи преку ноќ. Сфатив дека со текот на времето работите постепено се подобруваат и полесно се носиш со проблемите“ (Андреа).

  •   Биди благодарен. Библијата вели: „Бидете благодарни!“ (Колошаните 3:15). Без разлика со колку тешки проблеми се соочуваш, секогаш има нешто за што можеш да бидеш благодарен. Пробај да се сетиш на три работи поради кои вреди да живееш.

     „Кога се соочуваш со тешка ситуација, природно ти доаѓа да се прашаш: ’Зошто баш мене?‘ Но, ако се потрудиме да бидеме позитивни и благодарни за она што го имаме или за она што можеме да го направиме, и ако не мислиме постојано на проблемите, ќе стекнеме поголема емоционална издржливост“ (Саманта).

  •   Труди се да бидеш задоволен. Апостол Павле рекол: „[Научив] да бидам задоволен во секакви околности“ (Филипјаните 4:11). Павле немал контрола врз лошите работи што му се случувале, но имал контрола врз тоа како ќе реагира. Тој бил решен да биде задоволен.

     „Една работа што ја научив за себе е дека мојата прва реакција на проблемите не е секогаш најдобрата. Мојата цел е да имам позитивен став за која и да било ситуација. Тоа ќе ми користи не само мене, туку и на другите околу мене“ (Метју).

  •   Моли се. Библијата вели: „Фрли го своето бреме на Јехова, и тој ќе те поткрепи. Никогаш нема да дозволи праведникот да се сопне“ (Псалм 55:22). Молитвата не е нешто што го правиш само за да се чувствуваш подобро. Тоа е вистински разговор со твојот Творец кој „се грижи за [тебе]“ (1. Петрово 5:7).

     „Не мора да се борам сам. Кога во молитва отворено и искрено му кажувам на Бог што ме мачи и кога му се заблагодарувам за благословите што ми ги дава, чувствувам дека негативните емоции ми се намалуваат бидејќи повеќе се концентрирам на благословите што ги добивам од Јехова. Молитвата е многу важна!“ (Карлос).

a Од книгата Disconnected од Томас Керстинг.

b Од книгата The Good Teen — Rescuing Adolescence From the Myths of the Storm and Stress Years.