Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Дали да се крстам? — Прв дел: Што претставува крштавањето?

Дали да се крстам? — Прв дел: Што претставува крштавањето?

 Секоја година се крштаваат голем број млади лица кои пораснале како Јеховини сведоци. Дали и ти размислуваш да се крстиш? Тогаш, најпрво треба да разбереш што значи да му се заветуваш на Бог и да се крстиш.

 Што е крштавањето?

 Крштавањето за кое се зборува во Библијата се врши со целосно потопување во вода, а не само попрскување со вода, и има длабоко симболично значење.

  •   При крштавањето, со тоа што ќе бидеш потопен во водата јавно покажуваш дека повеќе не живееш за да си угодуваш само себеси.

  •   Со излегувањето од водата покажуваш дека почнуваш нов живот во кој ќе ти биде најважно да му угодуваш на Бог.

 Со крштавањето јавно покажуваш дека го прифаќаш правото на Јехова да поставува мерила за исправно и погрешно и дека си му ветил дека по своја волја избираш да го правиш она што тој го бара од тебе.

 Размисли: Зошто треба пред другите да покажеш дека сакаш да живееш во склад со Јеховината волја? (Види 1. Јованово 4:19 и Откровение 4:11.)

 Што значи да се заветуваш?

 Пред да се крстиш, треба да му се заветуваш на Јехова. Како?

 Во лична молитва му ветуваш на Јехова дека ќе му служиш засекогаш и дека ќе го правиш она што тој го бара од нас без разлика на ситуацијата и без разлика на тоа што прават другите.

 Со крштавањето покажуваш пред сите дека си му го заветил својот живот на Јехова. Покажуваш дека си се откажал од себеси и дека сега му припаѓаш на Јехова (Матеј 16:24).

 Размисли: Зошто ќе имаш поубав живот ако му припаѓаш на Јехова? (Види Исаија 48:17, 18 и Евреите 11:6.)

 Зошто крштавањето е важно?

 Исус заповедал неговите следбеници да бидат крстени (Матеј 28:19, 20). Истото важи и за христијаните денес. Всушност, Библијата јасно кажува дека крштавањето е неопходно за спасение (1. Петрово 3:21).

 Меѓутоа, мотив за да се крстиш треба да бидат твојата љубов и ценење кон Јехова. Треба да имаш ист став како псалмистот кој напишал: „Со што да му возвратам на Јехова за сите добра што ми ги направи?... Ќе го повикам името Јеховино. Ќе му ги исполнам на Јехова своите завети“ (Псалм 116:12-14).

 Размисли: Какви добра ти направил Јехова тебе и како можеш да му возвратиш? (Види 5. Мојсеева 10:12, 13 и Римјаните 12:1.)