МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ
Како да излезам на крај со домашните задачи?
„Многу е напорно да пишуваш домашна задача до еден часот по полноќ. Пред очи ти е само креветот и не можеш да мислиш на ништо друго“ (Дејвид).
„Понекогаш знаев да учам до 4:30 наутро, а веќе во 6 часот морав да станам за да одам на школо. Лудост!“ (Тереза).
Дали ти се чини дека не можеш глава да кренеш од домашни задачи? Ако да, оваа статија може да ти помогне да успеваш на време да ги завршуваш.
Зошто наставниците даваат домашни задачи?
Меѓу другото, домашната задача ти помага . . .
да го зголемиш своето знаење
да бидеш поодговорен
да знаеш да се организираш и подобро да го користиш времето
да го разбереш и да го примениш она што си го научил на час a
„Наставниците даваат домашни задачи бидејќи сакаат да им помогнат на учениците да го применат она што го научиле, а не само информациите да им влезат во едното уво и да им излезат од другото“ (Мари).
Некои предмети, како на пример, математика и природни науки, можат да ти помогнат да научиш да решаваш проблеми. Стручњаците велат дека така се создаваат и се зајакнуваат врските во мозокот. Значи, домашната задача е вежба за мозокот!
Без разлика дали сметаш дека домашната ти користи или не, од неа не можеш да побегнеш. Но сепак, не е сѐ толку црно. Иако немаш контрола врз тоа колку задачи ќе добиеш, можеш да го скратиш времето што ти е потребно за да ги завршиш. Да видиме како.
Совети за учење
Ако ти е тешко да излегуваш на крај со домашните задачи, наместо да вложуваш повеќе време и труд, можеби треба да го смениш својот пристап. Еве неколку предлози.
1. Планирај однапред. Во Библијата пишува: „Плановите на трудољубивиот сигурно донесуваат корист“ (Изреки 21:5, фуснота). Погрижи се да имаш при рака сѐ што ти треба за да не стануваш непотребно додека ја пишуваш домашната.
Исто така, избери место на кое ќе ти биде полесно да се концентрираш. На некои повеќе им одговара да учат дома, во мирна, добро осветлена соба, а други, пак, повеќе сакаат да учат некаде надвор од дома, на пример, во библиотека.
„Доколку си ги запишуваш обврските во календар, ќе можеш подобро да си го организираш времето. Ако знаеш што сѐ треба да завршиш и до кога, ќе имаш помалку стрес“ (Ричард).
2. Организирај ја работата. Библијата вели: „Сѐ нека биде... како што е редот“ (1. Коринќаните 14:40). Во склад со тоа, одреди по кој редослед ќе ги сработиш задачите.
Некои сакаат да започнат со потешките задачи. А други повеќе сакаат најпрво да ги завршат полесните бидејќи тоа им дава волја за работа. Избери го она што тебе најмногу ти одговара.
„Навистина помага да си направиш список бидејќи така знаеш што треба да завршиш и по кој редослед. На тој начин ги држиш работите под контрола и домашната нема да ти биде товар“ (Хајди).
3. Зафати се со работа. Библијата вели: „Во работата не бидете мрзливи“ (Римјаните 12:11). Немој да дозволиш други работи, колку и да се привлечни, да ти го одземат времето што ти е потребно за да ја завршиш домашната задача.
Ако ја одложуваш задачата, веројатно нема да ја завршиш на време или ќе мораш да ја направиш набрзина. Поради тоа, нема доволно да научиш и нема добро да ја сработиш. Но ако почнеш со задачата што е можно поскоро, ќе избегнеш непотребни грижи и стрес.
„Се трудев да ја сработам домашната задача веднаш штом ќе се вратев од школо или да започнам со изработка на проектот веднаш штом ќе го добиев. Ова ми помагаше подоцна да не се секирам за домашната и да имам доволно време за други активности“ (Серина).
ПРЕДЛОГ: Почни да работиш на домашната задача секој ден во исто време. Тоа ќе ти помогне да бидеш самодисциплиниран и да стекнеш навика да си ја завршуваш домашната.
4. Биди сконцентриран. Во Библијата стои: „Твоите очи нека гледаат право напред“ (Изреки 4:25). Како можеш да го примениш овој совет на учењето? Така што ќе ги избегнуваш оние работи кои можат да ти го одвлечат вниманието, како на пример, електронските уреди.
Сурфањето на интернет и пишувањето пораки можат да го удвојат времето што го трошиш за домашната задача. Но ако успееш да останеш сконцентриран, веројатно ќе имаш повеќе слободно време и помалку стрес.
„Тешко е да останеш сконцентриран ако околу тебе има мобилен телефон, компјутер, џојстик или телевизор. Затоа го исклучувам телефонот, а и сѐ друго што може да ми го одвлече вниманието“ (Џоел).
5. Биди разумен. Во Библијата пишува: „Вашата разумност нека им биде позната на сите“ (Филипјаните 4:5). Домашната задача нема да ти претставува толку голем стрес ако правиш пауза кога ти е потребно. На пример, би можел да излезеш да прошеташ, да возиш велосипед или да трчаш.
Доколку ништо од ова не ти помогне и сѐ уште сметаш дека имаш премногу домашни задачи, зборувај со наставниците. Ако видат дека даваш сѐ од себе, можеби ќе бидат спремни да направат некои промени.
„Не дозволувај поради домашните задачи да бидеш несреќен и под стрес. Труди се најдобро што можеш, но имај на ум дека некои работи не се вредни за да го изгубиш здравјето. Домашната задача е една од нив“ (Јулија).
Прашај се:
Кои работи ми се потребни за домашната задача?
Кога најмногу ми одговара да ја пишувам?
На кое место ќе ми биде најлесно да се концентрирам?
Како да не одложувам?
Кои работи би можеле да ми го одвлечат вниманието и да ми одземат време?
Што можам да направам за електронските уреди или други работи да не ми го одвлекуваат вниманието?
Како можам да покажам разумност кога ги сработувам домашните задачи?
ВАЖЕН СОВЕТ: Труди се да разбереш што точно вклучува домашната задача. Ако имаш прашања, зборувај со наставникот пред да заврши часот.
a Според книгата School Power, од Џен Шам.