МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ
Создавање или еволуција? — Прв дел: Зошто да верувам во Бог?
Создавање или еволуција?
Дали веруваш дека Бог е Творец на сѐ? Ако да, не си единствениот. И многу други тинејџери и возрасни го делат твоето мислење. Од друга страна, мнозина веруваат дека животот и универзумот настанале по пат на еволуција, а не дека се создадени од едно Врховно Битие.
Дали си знаел? Честопати, и луѓето што веруваат во Бог и оние што ја застапуваат еволуцијата многу лесно кажуваат во што веруваат, без да знаат зошто веруваат во тоа.
Некои веруваат дека постои Творец само затоа што така биле поучени во црква.
Мнозина веруваат во еволуција само затоа што така учеле во школо.
Овие статии ќе ти помогнат уште повеќе да се увериш дека постои Творец и да научиш како да им го објасниш тоа на другите. Но, најпрво треба да си го поставиш следново прашање:
Зошто верувам дека постои Бог?
Зошто е важно да размислиш за ова прашање? Затоа што Библијата те поттикнува да го ,користиш својот разум‘ (Римјаните 12:1). Тоа значи дека твојата вера во Бог не треба да се темели само на:
чувства (едноставно чувствувам дека мора да има некоја виша сила)
мислењето на другите луѓе (живеам во религиозна средина)
мислењето на семејството (моите родители ме воспитаа да верувам во Бог)
Наместо тоа, ти треба самиот да се увериш дека постои Бог и да го поткрепиш тоа со логични докази.
Според ова, што те уверува тебе лично дека постои Бог? Работниот лист „Зошто верувам во Бог?“ ќе ти помогне да ги зајакнеш своите уверувања. Од голема помош ќе ти биде ако ги прочиташ и размислиш за одговорите на други млади луѓе.
„Кога слушам на час додека наставникот објаснува како функционира нашето тело, воопшто не се сомневам дека постои Бог. Секој дел од телото си има своја улога, па дури и најмалиот. Нашето тело функционира без да сме свесни за тоа. Човечкото тело е неверојатно сложено!“ (Тереза).
„Кога ќе видам некој облакодер, брод за крстосување или автомобил, се прашувам: ,Кој го направил?‘ На пример, за да се направи една кола потребен е интелигентен конструктор затоа што сите мали делчиња од кои е составена треба складно да работат за колата исправно да функционира. Ако тоа е случај со една кола, тогаш и луѓето мора да се создадени од интелигентен конструктор“ (Ричард).
„Ако на најголемите умови им требало стотици години да разберат само еден мал дел од универзумот, би било потполно неразумно да си мислиме дека настанал сам од себе, без интелигентен Творец!“ (Карен).
„Колку повеќе истражував на полето на науката, толку повеќе сфаќав дека теоријата за еволуција е бесмислена. На пример, размислував за математичката точност со која се одвиваат некои процеси во природата и за тоа колку сме уникатни ние луѓето — сакаме да знаеме кои сме, од каде доаѓаме и каде одиме. Еволуцијата се обидува да го објасни сето ова споредувајќи ги човечките карактеристики со животинските. Но, таа никогаш не успеала да објасни зошто луѓето се уникатни. Според мене, потребно е да имаш многу поголема ,вера‘ за да веруваш во еволуција, отколку да веруваш во Творец“ (Ентони).
Како да ги објаснам моите верувања?
Што ако соучениците ти се исмејуваат затоа што веруваш во нешто кое не се гледа? Што ако ти речат дека науката има „докази“ кои ја потврдуваат еволуцијата?
Најпрво, биди убеден во она што го веруваш. Немој да се плашиш или да се срамиш (Римјаните 1:16). Не заборавај дека:
Освен тебе, и многу други луѓе сѐ уште веруваат во Бог. Голем број од нив се интелигентни и образовани луѓе. На пример, има научници кои веруваат дека постои Бог.
Понекогаш, некои луѓе не можат да го разберат Бог, па затоа велат дека не веруваат во него. Тие не изнесуваат докази за да го потврдат своето гледиште, туку велат: „Ако постои Бог, зошто дозволува да страдаме?“ Ова покажува дека дошле до заклучокот дека не постои Бог на темел на своите чувства, а не на темел на логични докази.
Луѓето имаат „духовни потреби“ (Матеј 5:3). Во нив спаѓа и потребата да веруваат во Бог. Затоа, ако некој рече дека нема Бог, тој треба да објасни како дошол до ваков заклучок (Римјаните 1:18-20).
Сосема е разумно да се верува во Бог. Тоа е во склад со веќе докажаниот факт дека животот не настанал сам од себе. Не постои ниту еден доказ кој ја поткрепува идејата дека животот настанал од нежива материја како резултат на слепа случајност.
Тогаш, што би можел да кажеш ако некој се обидува да ти ја поткопа верата во Бог? Еве неколку предлози:
Ако некој ти рече: „Само необразованите луѓе веруваат во Бог.“
Би можел да кажеш: „Ама дали можеме со сигурност да го тврдиме тоа? Јас мислам не. Според една анкета, во која биле вклучени повеќе од 1.600 научници кои предаваат на познати универзитети, една третина од нив рекле дека веруваат во Бог. a Дали би ги нарекол овие професори неинтелигентни само затоа што веруваат во Творец?“
Ако некој ти рече: „Не верувам во Бог затоа што има толку многу страдања во светот.“
Би можел да кажеш: „Можеби ти е тешко да сфатиш зошто Бог постапува на одреден начин, односно зошто ги дозволува страдањата. Јас најдов во Библијата логичен одговор на прашањето зошто има толку многу страдања. Дали би сакал да дознаеш нешто повеќе за тоа?“
Во следната статија ќе видиме зошто теоријата на еволуција не дава разумно објаснување за нашето постоење.
a Извор: Social Science Research Council, “Religion and Spirituality Among University Scientists” од Елејн Хауард Екланд, 5 февруари 2007.