Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Како да најдам мотивација за вежбање?

Како да најдам мотивација за вежбање?

 Зошто треба да вежбам?

 Во некои земји младите се сѐ помалку физички активни. Ова е сериозен проблем кој многу лошо се одразува на нивното здравје. Интересно е што и во Библијата пишува дека вежбањето е корисно (1. Тимотеј 4:8). Размисли за следниве придобивки од вежбањето:

  •   Ќе се чувствуваш подобро. Кога си физички активен, во мозокот се ослободуваат ендорфини — хормони кои помагаат да се чувствуваш опуштено и среќно. Некои вежбањето го нарекуваат природен антидепресив.

     „Кога рано наутро одам да трчам, низ целиот ден сум многу попродуктивна, а се чувствувам и многу поубаво. Трчањето ме расположува.“ (Регина)

  •   Ќе изгледаш подобро. Ако вежбаш умерено, ќе имаш повеќе сила и ќе бидеш фит, а тоа позитивно ќе се одрази и врз твојата самодоверба.

     „Пред една година, некој да ми речеше дека ќе можам да се кренам 10 пати на вратило немаше да му верувам. Чувството е прекрасно. Што е најважно, знам дека правам нешто за моето тело.“ (Оливија)

  •   Ќе си го продолжиш животот. Физичката активност ги штити твојот кардиоваскуларен и твојот респираторен систем. Исто така, аеробичните вежби ја спречуваат појавата на артериски заболувања, кои се причина број еден за смртност и кај мажите и кај жените.

     „Кога редовно одвојуваме време за вежбање, му покажуваме на нашиот Творец дека го цениме телото што ни го дал.“ (Џесика)

 Запамти: Од вежбањето ќе имаш краткорочни и долгорочни здравствени придобивки. „Досега не сум чула некој да се покае што отишол на една убава прошетка или што отишол да трча“ вели Тоња. „Многу сум среќна кога успевам да ги ставам настрана моите изговори и кога одам да вежбам.“

Една кола која не е добро одржувана со текот на времето ќе се расипе. Ако не вежбаме, истото може да се случи и со нашето тело

 Зошто не вежбам?

 Еве неколку можни пречки:

  •   Мотивација. „Кога си млад, мислиш дека ништо не може да те сруши и ни на крај памет не ти доаѓа дека еден ден може да имаш здравствени проблеми. Си мислиш дека само постарите се мачат со здравјето.“ (Софија)

  •   Време. „Бидејќи имам еден куп обврски, едвај успевам некако да најдам време за здраво да се хранам и да си легнувам навреме. И во целиот тој хаос тешко ми е да најдам време да вежбам.“ (Клариса)

  •   Пари. „Скапо е да бидеш во форма — требаат пари за да одиш во теретана.“ (Џина)

 Размисли:

 Што те спречува тебе да вежбаш? Нема да биде лесно да ја совладаш таа препрека, но биди уверен дека ќе се исплати.

 Како да почнам да вежбам?

 Еве неколку предлози:

  •   Преземи одговорност за твоето здравје (Галатите 6:5).

  •   Не барај изговори (Проповедник 11:4). На пример, можеш да бидеш во форма и без да даваш пари за теретана. Едноставно најди си некоја физичка активност во која ќе уживаш и прави ја редовно.

  •   Побарај предлози од некој што вежба (Изреки 20:18).

  •   Направи си план, постави си цели и следи го твојот напредок. Тоа ќе ти дава мотивација (Изреки 21:5).

  •   Немој да вежбаш сам. Најди некој пријател со кој редовно ќе вежбате. Така заедно ќе се мотивирате и полесно ќе ти биде да задржиш рутина (Проповедник 4:9, 10).

  •   Нема секогаш да биде лесно, но биди решен да не се откажуваш (Изреки 24:10).

 Биди урамнотежен

 Библијата ги поттикнува и машките и женските да бидат умерени во сѐ (1. Тимотеј 3:2, 11). Затоа биди урамнотежен. Оние што одат во екстреми повеќе си прават лошо отколку добро. „Нема ништо привлечно во тоа кога мускулите на едно момче му се поразвиени од паметот“, вели Џулија.

 Исто така, внимавај да не паднеш на мотивациски слогани за вежбање како, на пример: „Кога мислиш дека ќе умреш, направи уште една серија“. Ако ги слушаш ваквите совети, може сериозно да си наштетиш на здравјето и да заборавиш што е најважно во животот (Филипјаните 1:10).

 Понекогаш некои работи кои се наменети да те мотивираат може да имаат контра ефект. Една девојка по има Вера, вели: „Многу девојки сакаат да изгледаат како некоја одредена личност и како мотивација чуваат слики од неа. Но кога ќе почнат нонстоп да се споредуваат со таа личност, на крај само се демотивираат. Затоа нека не ти биде изгледот главен мотив за вежбање, туку здравјето“.