Префрли се на текстот

МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ

Дали е важно каква музика слушам?

Дали е важно каква музика слушам?

 „Само што ќе станам од спиење, пуштам музика. Кога ќе влезам во кола, пуштам музика. Кога сум дома и се одморам, чистам, па дури и кога читам, музиката си свири. Нон–стоп слушам музика“ (Карла).

 Дали и ти, како Карла, уживаш да слушаш музика? Оваа статија ќе ти ги покаже убавите страни на музиката, ќе ти помогне да ги избегнеш прикриените опасности и ќе ти помогне да избираш добра музика.

 Убави страни

 Слушањето музика е слично со јадењето. И во двата случаја, исправниот избор во исправната количина може многу да ти користи. На пример:

  •   Музиката може да ти го подобри расположението.

     „Кога имам лош ден, ги пуштам моите омилени песни и веднаш ми е подобро“ (Марк).

  •   Музиката може да те врати во времето.

     „Честопати некоја песна ме потсетува на некоја убава случка од минатото, и кога и да ја слушам се чувствувам убаво“ (Шеила).

  •   Музиката обединува.

     „Бев на меѓународен конгрес на Јеховините сведоци, и за време на последната песна, кога сите пееја заедно, се расплакав. Зборувавме на различни јазици, но музиката нѐ обедини“ (Тами).

  •   Музиката помага да развиеш убави особини.

     „Кога учиш да свириш на некој инструмент, мора да бидеш дисциплиниран и стрплив. Тоа не оди брзо. Ќе научиш добро да свириш само ако упорно вежбаш“ (Ана).

 Дали си знаел? Најголемата книга во Библијата, книгата Псалми, е составена од 150 песни.

Бирај музика како што бираш храна

 Прикриени опасности

 Некој вид музика може да биде штетна исто како расипана храна. Еве зошто:

  •   Во многу песни, текстот отворено зборува за секс.

     „Ми се чини дека сите песни што се популарни зборуваат само за секс, и тоа без заобиколување“ (Хана).

     Библијата вели: „Блуд и секаква нечистотија или лакомост дури да не се спомнуваат меѓу вас“ (Ефешаните 5:3). Прашај се: „Дали музиката што ја слушам ми отежнува да ги послушам овие зборови?“

  •   Некоја музика може да те растажи.

     „Понекогаш навечер лежам будна и слушам музика што ме тера да мислам на работи што ме растажуваат и измачуваат. Тажната музика ми носи црни мисли“ (Тами).

     Библијата вели: „Од сѐ што треба да се чува, најмногу чувај си го срцето“ (Изреки 4:23). Прашај се: „Дали музиката што ја слушам ме тера да мислам на негативни работи?“

  •   Од некоја музика може да станеш гневен.

     „Музиката која поттикнува на гнев, презир и омраза е скриена опасност за мене. Забележав голема разлика во моето расположение откако ќе слушам таква музика. И моите го забележаа истото“ (Џон).

     Библијата вели: „Отфрлете го сето ова: гневот, лутината, злобата, погрдниот говор, а безобразни зборови да не излегуваат од вашата уста“ (Колошаните 3:8). Прашај се: „Дали музиката што ја слушам ме прави агресивен, па дури и бесчувствителен?“

 Кој е главниот заклучок? Избирај каква музика слушаш. Тоа го прави една тинејџерка по име Џули. „Секогаш си ја проверувам листата со песни и веднаш ги бришам тие што мислам дека не се во ред“, вели таа. „Не е лесно, ама знам дека така е најпаметно.“

 И Тара прави нешто слично. Таа вели: „Понекогаш на радио ќе пуштат некоја песна со многу добар ритам, ама кога ќе го слушнам текстот сфаќам дека е подобро да ја сменам станицата. Тоа е како да треба да тргнеш настрана парче чоколадна торта откако си каснал само едно залче! Ама ако имам сила да не слушам песна за секс, веројатно ќе имам и повеќе сила да одбијам секс пред бракот. Не сакам да замижам пред фактот дека музиката може да ми влијае“.