МЛАДИТЕ ПРАШУВААТ
Зошто да не се карам со брат ми или сестра ми?
„Де се караме де се сакаме“
Можеби и ти би го рекол ова за односот меѓу тебе и твоите браќа или сестри. Ги сакаш, и знаеш дека и тие те сакаат тебе, ама на моменти баш и не се поднесувате еден со друг. „Мојот помал брат ужасно ме нервира“, вели 18-годишната Хелена. „Точно знае што ме вади од кожа и токму тоа го прави!“
Некои несогласувања можете да ги решите ако разговарате околу тоа и се договорите што ќе правите. На пример:
Меѓу двајца браќа што делат иста соба можеби доаѓа до расправии околу просторот и личните работи. Кое е решението? Научете да си попуштате и договорете се кој што ќе направи. Применете го советот од Лука 6:31.
Две сестри можеби „позајмуваат“ облека една од друга без прашање. Кое е решението? Зборувајте отворено и поставете си разумни ограничувања. Применете го советот од 2. Тимотеј 2:24.
Понекогаш, проблемите меѓу браќата и сестрите се посериозни и можат да водат до несакани последици. Да земеме за пример две ситуации од Библијата:
Маријам и Арон му биле љубоморни на својот брат Мојсеј, и тоа лошо се одразило врз нив. Прочитај го извештајот од 4. Мојсеева 12:1-15. Потоа прашај се: „Како да не им станам љубоморен на брат ми или на сестра ми?“
Каин станал толку гневен на својот брат Авел, што на крајот го убил. Прочитај го извештајот од 1. Мојсеева 4:1-12. Потоа прашај се: „Како да се исконтролирам кога брат ми или сестра ми многу ќе ме налутат?“
Две добри причини да се сложувате
Колку и да ти е тешко да се сложуваш со брат ти или со сестра ти, има најмалку две причини поради кои вреди да се потрудиш.
Тоа е знак на зрелост. „Двете помали сестри знаеја за секунда да ме извадат од такт“, вели младиот Алекс. „Ама сега сум многу посмирен и пострплив со нив. Мислам дека тоа е затоа што сега пораснав.“
Библијата вели: „Кој е бавен на гнев, многу е разборит, а кој е нестрплив, покажува глупавост“ (Изреки 14:29).
Тоа те подготвува за животот како возрасен. Ако не можеш да преминеш преку маните на брат ти или сестра ти, како ќе се носиш со маните на твојот брачен другар, колега, работодавач или кој и да е друг во иднина?
Животна вистина: Колку ќе бидеш успешен во односите со другите понатаму во животот ќе зависи од твојата способност да разговараш и да се договараш. Семејството е најдоброто место да научиш да го правиш тоа.
Библијата вели: „Ако е можно, колку што зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе“ (Римјаните 12:18).
Ти треба ли помош за да престанеш да се караш со брат ти или сестра ти? Прочитај го делот „Што велат други млади“, а потоа пополни го работниот лист „Како да се сложуваш со брат ти или сестра ти“.