Префрли се на текстот

УГЛЕДАЈТЕ СЕ НА НИВНАТА ВЕРА | ЈОНАТАН

Ги поврзувало нераскинливо пријателство

Ги поврзувало нераскинливо пријателство

 Битката конечно завршила, и во рамницата Ила завладеала тишина. Додека попладневниот ветрец нежно ги нишал шаторските платна во логорот, цар Саул разговарал со некои од своите луѓе. Еден од нив бил неговиот најстар син, Јонатан. Со нив бил и еден млад пастир кој возбудено раскажувал што му се случило. Овој младич, Давид, бил полн со елан и воодушевеност. Саул го слушал без да трепне, не сакајќи да испушти ниту еден негов збор. А како се чувствувал Јонатан? Тој имал извојувано многу победи во текот на долгите години во кои служел во Јеховината војска. Но, денешната победа не ја извојувал Јонатан, туку токму овој младич. Давид го убил џинот Голијат. Дали Јонатан му бил љубоморен поради славата што му ја донела оваа победа?

 Можеби ќе се изненадиш од неговата реакција. Во Библијата пишува: „Кога Давид го заврши разговорот со Саул, душата на Јонатан се врза за душата на Давид, и Јонатан го засака како својата душа“. Јонатан му ја дал на Давид својата воена опрема, во која спаѓал и неговиот лак. Ова не бил обичен подарок, бидејќи Јонатан бил одличен стрелец. Но тоа не било сѐ. Јонатан и Давид склучиле сојуз, односно си ветиле дека ќе бидат блиски пријатели кои ќе си помагаат еден на друг (1. Самоилова 18:1-5).

 Така се родило едно од најголемите пријателства спомнати во Библијата. На верните Божји слуги им се многу важни пријателствата. Ако мудро ги избираме нашите пријатели и ако сме им верни и им помагаме, ќе си ја зајакнеме верата во овие тешки времиња (Изреки 27:17). Затоа, да видиме што може да научиме од Јонатан во врска со пријателствата.

Темел за вистинско пријателство

 Како било можно за толку кратко време да се роди едно такво пријателство? За да го дознаеме одговорот, да видиме на што се темелело ова пријателство. Јонатан минувал низ тежок период. Татко му, цар Саул, се менувал низ годините, и тоа од лошо на полошо. На почетокот, Саул бил понизен, послушен и верен човек, но со текот на времето станал горделив и непослушен цар (1. Самоилова 15:17-19, 26).

 Бидејќи Јонатан бил близок со својот татко, овие промени сигурно многу го вознемирувале (1. Самоилова 20:2). Тој веројатно се прашувал каква штета би можел да му нанесе Саул на Јеховиниот избран народ. Можела ли непослушноста на царот да ги наведе неговите поданици да застранат и да ја изгубат Јеховината милост? Без сомнение, тоа биле тешки времиња за еден верен Божји слуга како Јонатан.

 Ова може да ни помогне да сфатиме што го привлекло Јонатан кон младиот Давид. Јонатан видел колку голема вера има Давид. За разлика од војниците на Саул, Давид не се уплашил од џинот Голијат. Тој знаел дека бил посилен од Голијат и од сето негово оружје затоа што одел во битка во името на Јехова (1. Самоилова 17:45-47).

 Со години претходно, и Јонатан размислувал на сличен начин. Бил уверен дека само двајца мажи — тој и неговиот штитоносец — можат да нападнат и да поразат цела чета вооружени војници. Зошто бил уверен во тоа? Јонатан рекол: „Ништо не може да го спречи Јехова да спаси“ (1. Самоилова 14:6). Значи, на Јонатан и Давид им биле заеднички две важни работи — и двајцата имале цврста вера во Јехова и голема љубов кон него. Не постоел подобар темел за нивното пријателство. Јонатан бил моќен принц и имал речиси 50 години, а Давид бил понизен пастир и веројатно немал ни 20 години. Сепак, овие разлики меѓу нив не играле никаква улога. a

 Сојузот што го склучиле претставувал вистинска заштита за нивното пријателство. Во која смисла? Давид знаел каква намера има Јехова со него — тој требало да стане следниот цар на Израел! Дали го криел тоа од Јонатан? Се разбира дека не. Тие биле блиски пријатели. А за да може едно пријателство да биде цврсто и трајно, треба да постои отворена комуникација, без тајни и лаги. Како можеби влијаело врз Јонатан тоа што дознал дека Давид ќе биде цар? Дали Јонатан можеби се надевал дека еден ден тој ќе стане цар и дека ќе ги исправи лошите работи што ги направил татко му? Библијата не ни кажува дали се борел со некакви негативни чувства. Но, ни кажува нешто што е многу поважно — дека Јонатан бил верен пријател и дека имал силна вера. Тој можел да види дека Давид има поддршка од Јеховиниот дух (1. Самоилова 16:1, 11-13). Затоа Јонатан се држел за своето ветување и продолжил да го гледа Давид како свој пријател, а не како соперник. Најважно му било да се изврши Јеховината волја.

И Јонатан и Давид многу го сакале Јехова и имале цврста вера во него

 Ова пријателство било огромен благослов и за двајцата. Што можеме да научиме од верата на Јонатан? Добро е секој од нас да размисли колку вредат пријателствата. Нашите пријатели не мора да бидат на иста возраст како нас или, пак, од исто потекло. Но, важно е да имаат силна вера бидејќи тоа може многу позитивно да влијае врз нас. Јонатан и Давид имале многу прилики во кои можеле да се зајакнат и да се охрабрат еден со друг. Тоа им било потребно и на двајцата бидејќи подоцна нивното пријателство било ставено на уште поголем испит.

Кога верноста е ставена на испит

 Во почетокот, Давид му бил многу мил на Саул, и тој го поставил како заповедник на својата војска. Сепак, по кратко време, Саул станал жртва на еден непријател на кој Јонатан успешно му се спротивставил — љубомората. Давид извојувал многу победи против Филистејците, кои им биле непријатели на Израелците. Поради тоа, луѓето му се воодушевувале и му оддавале чест. Некои жени од Израел дури пееле: „Саул погуби илјади, а Давид десетици илјади свои непријатели“. На Саул не му се допаднала таа песна. Во Библијата пишува: „Од тој ден Саул го гледаше Давид со недоверба“ (1. Самоилова 18:7, 9). Тој се плашел дека Давид ќе се обиде да му ја одземе царската власт. Тоа било толку неразумно! Иако знаел дека ќе го наследи Саул, Давид никогаш не помислил да му го преземе престолот на Јеховиниот помазан цар додека тој сѐ уште владеел.

 Саул се обидувал да го намести Давид да биде убиен во битка, но неговите обиди биле неуспешни. Со секоја нова победа, Давид стекнувал сѐ поголема почит во очите на луѓето. Потоа Саул се обидел да скове заговор против Давид со сите свои слуги и со својот најстар син со цел да го убие. Замисли си колку многу бил разочаран Јонатан од постапките на Саул! (1. Самоилова 18:25-30; 19:1). Јонатан му бил верен на својот татко, но му бил верен и на својот пријател. Сепак, во оваа ситуација морал да избере кому пред сѐ ќе му остане верен. На чија страна застанал Јонатан?

 Тој рекол: „Царот нека не греши спрема својот слуга Давид, зашто тој не згреши спрема тебе, и она што го правеше беше многу добро за тебе. Својата душа ја доведе во опасност и го уби Филистеецот, и така Јехова му донесе голема победа на целиот Израел. Ти го виде тоа и се радуваше. Тогаш зошто да згрешиш спрема невина крв и да го убиеш Давид без причина?“ Ова била ретка прилика во која Саул покажал разумност. Го послушал својот син, па дури и му се заколнал дека нема да му наштети на Давид. Сепак, Саул не бил човек од збор. Откако Давид извојувал и други победи, тој уште повеќе се исполнил со гнев и љубомора, и затоа се обидел да го убие со своето копје (1. Самоилова 19:4-6, 9, 10). Но, Давид успеал да се спаси и да побегне од царскиот двор.

 Дали и ти некогаш си се нашол во ситуација во која требало да избереш кому ќе му бидеш верен? Тоа може да биде многу тешко. Во такви ситуации, некои можеби ќе ти кажат дека семејството треба да ти биде најважно од сѐ. Но, Јонатан знаел дека тоа не било исправно. Како можел да застане на страната на татко му кога, всушност, Давид му бил верен и послушен слуга на Јехова? Бидејќи бил решен да му биде верен на Јехова, Јонатан застанал во одбрана на својот пријател. Сепак, иако пред сѐ му бил верен на Бог, Јонатан покажал дека му е верен и на својот татко така што му дал искрен совет наместо да му го каже она што тој сакал да го слушне. На сите нам може да ни користи тоа што ќе бидеме верни како Јонатан.

Верност по секоја цена

 Јонатан повторно се обидел да му помогне на Саул да се помири со Давид, но овој пат Саул не сакал ни да го сослуша. Давид скришум отишол кај Јонатан и му кажал дека се плаши за својот живот. Тој му рекол на својот постар пријател: „Само чекор ме дели од смртта“. Јонатан му рекол дека ќе се обиде да дознае што планира да направи татко му и дека потоа ќе му каже како стојат работите. Додека Давид се криел, Јонатан требало да му ја пренесе пораката користејќи лак и стрели. Тој побарал од Давид само да му вети дека ќе му ја исполни следнава молба: „Не скратувај му ја својата милост на мојот дом довека. Ниту тогаш кога Јехова ќе ги истреби од лицето на земјата сите [твои] непријатели“. Давид му ветил на Јонатан дека секогаш ќе се грижи за оние од неговиот дом (1. Самоилова 20:3, 13-27).

 Јонатан почнал да зборува добро за Давид пред Саул, но царот се разгневил. Тој го нарекол Јонатан бунтовник и му кажал дека со тоа што му е верен на Давид му нанесува срам на своето семејство. А потоа му рекол дека Давид претставува закана и за него: „Додека е жив на земјата синот на Јесеј, нема да се утврдиш ни ти ни твоето царство“. Но, на Јонатан тоа воопшто не му било важно. Тој му рекол на својот татко: „Зошто мора да умре? Што направил?“ Тогаш Саул зоврел од бес! Иако бил во години, сѐ уште бил силен војник. Тој го зел копјето и го фрлил кон својот син за да го прободе! Иако бил вешт во тоа, не успеал да го погоди. Длабоко повреден и понижен од татко му, Јонатан многу се разгневил и си заминал (1. Самоилова 20:24-34).

Јонатан докажал дека е верен и несебичен дури и во тешки околности

 Следното утро, Јонатан излегол во полето во близина на местото каде што се криел Давид. Како што претходно се договориле, Јонатан фрлил стрела со која му ставил до знаење дека Саул сѐ уште сака да го убие. Потоа Јонатан му рекол на својот слуга да се врати во градот. Тој и Давид останале сами, и имале можност накратко да позборуваат. И двајцата мажи плачеле. Со голема тага во срцето, Јонатан се збогувал со својот помлад пријател кој оттогаш морал да бега и да се крие од Саул од едно место во друго (1. Самоилова 20:35-42).

 И во овие тешки околности, Јонатан докажал дека е верен и несебичен. Сатана, кој им е непријател на сите Божји слуги, сигурно сакал Јонатан да тргне по стапките на Саул и да ја стави својата желба за моќ и слава пред сѐ друго. Да не заборавиме дека Сатана сака да ги наведе луѓето да ги стават своите себични желби на прво место. Тоа му успеало со нашите прародители, Адам и Ева (1. Мојсеева 3:1-6). Сепак, не му успеало со Јонатан. Сатана сигурно бил многу гневен! Дали и ти ќе се спротивставиш на таквите обиди? Денес живееме во свет во кој себичноста се шири како епидемија (2. Тимотеј 3:1-5). Дали ќе бидеме верни и несебични како Јонатан?

Бидејќи му бил верен пријател на Давид, Јонатан му дал знак за да го заштити

„Колку многу ми беше мил“

 Со текот на времето, Саул станал потполно опседнат со омразата што ја чувствувал кон Давид. Јонатан се чувствувал беспомошно додека гледал како татко му постапува како да полудел. Саул ја собирал својата војска и ја водел од едно место на друго само за да погуби еден невин човек! (1. Самоилова 24:1, 2, 12-15; 26:20). Дали Јонатан бил вклучен во тие потери? Вредно е да се забележи дека во Библијата на ниту едно место не се спомнува дека тој учествувал во нив. Не било возможно да направи такво нешто затоа што му бил верен на Јехова, на својот пријател Давид и верно се држел за сојузот што го склучил со него.

 Чувствата што Јонатан ги имал кон Давид никогаш не се смениле. По некое време, тој нашол начин повторно да се сретне со својот пријател. Тоа било во Орес, што значи „шумичка“. Орес се наоѓал во еден пуст планински предел, веројатно на неколку километри југоисточно од Хеврон. Зошто Јонатан се изложил на таква опасност? Од Библијата дознаваме дека отишол да го види Давид со цел да му помогне да ја зацврсти својата доверба во Јехова (1. Самоилова 23:16). Како го направил тоа?

 Јонатан му рекол на својот млад пријател: „Не плаши се“. А потоа го уверил: „Нема да те стигне раката на мојот татко Саул“. Зошто Јонатан бил уверен во тоа? Затоа што цврсто верувал дека Јехова ќе ја исполни својата намера. Потоа му рекол: „Ти ќе царуваш над Израел“. Неколку години претходно, Јехова го испратил пророкот Самоил да му го каже тоа на Давид. Во оваа прилика, Јонатан го потсетил Давид дека Јехова секогаш ги исполнува своите ветувања. А каде Јонатан се гледал себеси во иднина? Тој кажал: „Јас ќе бидам втор, веднаш до тебе“. Колку голема понизност покажал овој човек! Јонатан бил спремен да му биде поданик и да му служи како десна рака на Давид, кој бил 30 години помлад од него. На крајот, Јонатан му рекол: „Мојот татко Саул добро го знае тоа“ (1. Самоилова 23:17, 18). Длабоко во себе, Саул знаел дека сите негови обиди се осудени на неуспех затоа што се бори против човек кого Јехова го избрал да биде следен цар!

​Јонатан го охрабрил Давид кога му било тешко

 Низ годините што следеле, Давид сигурно често со радост се присетувал на оваа средба. Тогаш се виделе за последен пат. За жал, желбата на Јонатан да биде втор човек во царството после Давид никогаш не се исполнила.

 Јонатан отишол да се бори заедно со Саул против Филистејците, кои им биле заколнати непријатели на Израелците. Без оглед на грешките што ги направил татко му, тој можел со чиста совест да се бори покрај него затоа што секогаш му било најважно да ја врши Јеховината волја. Јонатан се борел храбро и верно како и секогаш. Сепак, Израелците ја изгубиле битката. Саул станал толку злобен што дури се вплеткал во спиритизам, грев за кој следувала смртна казна според Божјиот закон. Затоа Јехова повеќе не го благословувал. Тројца синови на Саул, меѓу кои бил и Јонатан, загинале во битката. Саул бил ранет и самиот си го одзел животот (1. Самоилова 28:6-14; 31:2-6).

Јонатан рекол: „Ти ќе царуваш над Израел, а јас ќе бидам втор, веднаш до тебе“ (1. Самоилова 23:17)

 Давид бил скршен од болка. Овој човек бил толку добар и спремен да прости што тагувал дури и за Саул, кој толку многу му го загорчил животот. Давид напишал песна во која ја изразил својата тага за Саул и за Јонатан. Она што го кажал за својот сакан пријател и советник е навистина трогателно: „Жалам за тебе, брате Јонатане! Колку многу ми беше мил! Твојата љубов ми беше почудесна од женската љубов“ (2. Самоилова 1:26).

 Давид никогаш не го заборавил ветувањето кое му го дал на Јонатан. Со години подоцна, тој го повикал на царскиот двор сакатиот син на Јонатан, Мефивостеј, и се грижел за него (2. Самоилова 9:1-13). Очигледно, Давид научил многу од Јонатан, кој бил верен, покажувал почит и не го напуштил својот пријател дури и кога тоа скапо го чинело. Дали и ние ќе научиме нешто од него? Дали нашите пријатели се како Јонатан? Дали ние сме такви пријатели? Ќе бидеме како Јонатан и ќе имаме вера каква што имал тој ако им помагаме на нашите пријатели да си ја зацврстат довербата во Бог, ако ни е најважно да му останеме верни на Јехова и ако сме верни и несебични пријатели.

a Јонатан за првпат се спомнува во библискиот извештај на почетокот на владеењето на Саул. Во тоа време, тој бил заповедник на војската, што значи дека сигурно имал најмалку 20 години (4. Мојсеева 1:3; 1. Самоилова 13:2). Саул владеел 40 години. Значи, кога Саул умрел, Јонатан имал околу 60 години. А Давид тогаш имал 30 години (1. Самоилова 31:2; 2. Самоилова 5:4). Според тоа, Јонатан очигледно бил околу 30 години постар од Давид.