Како Јеховините сведоци добиваат обука за службата што ја извршуваат?
Јеховините сведоци постојано добиваат обука за сите аспекти од нивниот живот како христијани, вклучувајќи ја и службата што секој од нив ја извршува. Оваа служба е делото за кое Исус им заповедал на своите следбеници да го извршуваат — проповедањето и поучувањето на добрата вест за Божјето Царство (Матеј 24:14; 28:19, 20). Таа обука ја добиваме на нашите седмични состаноци и на нашите годишни конгреси и собири. Јеховините сведоци кои имаат одговорности во собранието или во организацијата добиваат дополнителна обука на посебни библиски школи.
Во оваа статија:
Каква обука добиваат Јеховините сведоци?
Собраниски состаноци. Секоја седмица присуствуваме на два состанока кои се одржуваат на местата каде што го обожаваме Бог, наречени Сали на Јеховините сведоци. Еден од состаноците обично се одржува во текот на седмицата, а другиот за време на викендот. Тие се отворени за јавноста и никој не е обврзан да даде прилог.
Состанок што се одржува во текот на седмицата. На овој состанок учиме како да се подобриме во читањето, во водењето разговори, во јавното говорништво и во проповедањето и поучувањето. Обуката ја добиваме преку говори, дискусии, прикази и видеопрезентации. Оваа обука ни помага да бидеме поделотворни додека ја споделуваме библиската порака со другите и додека водиме библиски курсеви со заинтересираните лица. Од оваа обука извлекуваат корист сите присутни. Што е најважно од сѐ, нашите состаноци ни помагаат да си ја зајакнеме верата во Бог и љубовта кон него и кон соверниците.
Состанок што се одржува за време на викендот. Овој состанок од два дела започнува со библиско предавање кое е посебно наменето за пошироката јавност. Вториот дел од овој состанок е во вид на дискусија со прашања и одговори на темел на некоја статија која излегла во изданието за проучување на Стражарска кула. a Во тие статии се обработуваат и објаснуваат библиски теми и начела кои ни помагаат и во службата и во нашиот секојдневен живот.
Собири и конгреси. Секоја година одржуваме три големи собири на кои присуствуваат многу собранија. На овие радосни настани се обработува некоја конкретна библиска тема и во нив се вклучени јавни предавања, прикази, интервјуа и видеоклипови. Како што е случај и со нашите собраниски состаноци, собирите и конгресите ни помагаат да го продлабочиме нашето знаење за Библијата и ни помагаат подобро да проповедаме и поучуваме за добрата вест. И на овие настани секој е добредојден и никој не е обврзан да даде прилог.
Библиски школи за Јеховини сведоци
За да добијат дополнителна обука, некои Јеховини сведоци се поканети да присуствуваат на различни библиски школи. Кои се тие школи? Која е нивната цел и колку долго траат? Кој може да присуствува на нив?
Школа за пионери
Цел: Да се обучат полновремени објавители, наречени пионери, b за да бидат повешти додека проповедаат и поучуваат. Во оваа школа има дискусии, прикази, говори и работилници.
Колку трае: Шест дена.
Кој може да присуствува: Поканети се да присуствуваат оние кои служат како пионери веќе една година. Оние кои долго време служат како пионери, но изминатите пет години не присуствувале на школата, можат повторно да бидат поканети.
Школа за полновремени објавители
Цел: Да им се даде посебна обука на искусни полновремени објавители. Учесниците уште повеќе ги подобруваат нивните вештини на проповедање и поучување, и подлабоко проучуваат библиски теми. Многу од дипломците се поканети да служат на места каде што има поголема потреба од објавители.
Колку трае: Два месеца.
Кој може да присуствува: Пионерите можат да пополнат молба за оваа школа ако исполнуваат одредени услови и ако околностите им дозволуваат да служат таму каде што има потреба.
Школа за собраниски старешини
Цел: Да им помогне на старешините c да ги извршуваат нивните одговорности во собранието, како на пример поучувањето и пастирската грижа, и да им помогне да си ја продлабочат љубовта кон Бог и кон соверниците (1. Петрово 5:2, 3).
Колку трае: Пет дена.
Кој може да присуствува: Браќа кои неодамна биле именувани како старешини, како и искусни старешини кои не присуствувале на школата во последните пет години.
Школа за покраински надгледници и нивните сопруги
Цел: Да се обучат објавители кои се во патувачка служба, наречени покраински надгледници, d да ги извршуваат своите одговорности на уште подобар начин (1. Тимотеј 5:17). Исто така, програмата им помага на овие христијански старешини и на нивните сопруги уште подобро да ја разберат Библијата.
Колку трае: Еден месец.
Кој може да присуствува: Новите покраински надгледници и нивните сопруги се поканети да присуствуваат откако ќе поминат една година во патувачка служба. После пет години можат да бидат повторно поканети да присуствуваат.
Школа за именувани браќа
Цел: Да им помогне на старешините и на слуга-помошниците e да ги извршуваат нивните собраниски одговорности имајќи ги на ум тековните ситуации, ставови и потреби (2. Тимотеј 3:1). Оваа школа се одржува на неколку години.
Колку трае: Не е секогаш исто, но обично трае еден ден.
Кој може да присуствува: Покраински надгледници, старешини и слуга-помошници.
Школа за бетелска служба
Цел: Да им помогне на оние што служат во Бетел f добро да ја извршуваат својата служба и да им помогне да имаат уште поголема љубов кон Бог и еден кон друг.
Колку трае: Пет и пол дена.
Кој може да присуствува: Од новите членови на Бетел се очекува да присуствуваат на оваа школа. Оние што долго време служат во Бетел, но не биле на школата претходните пет години, можат да бидат повторно поканети.
Библиска школа Гилеад
Цел: Да им помогне на учесниците уште повеќе да ја ценат Божјата Реч и да им помогне да го применуваат она што го учат (1. Солуњаните 2:13). Духовно зрелите христијани — и мажи и жени — кои присуствувале на школата Гилеад се уште покорисни за Јеховината организација и за библиското образовно дело кое се извршува низ целиот свет. Откако ќе заврши оваа школа, дипломците можат да бидат испратени да служат на подрачјето или во некоја подружница во нивната земја или во некоја друга земја.
Колку трае: Пет месеци.
Кој може да присуствува: Подружниците одлучуваат на кои полновремени објавители да им дадат молба за да се пријават. Школата се одржува во Соединетите Држави во Образовниот центар на Јеховините сведоци во Патерсон (Њујорк).
Школа за членови на Одборите на подружниците и нивните сопруги
Цел: Да ги обучува членовите на Одборите на подружниците g да ги надгледуваат активностите кои се извршуваат во подружниците, како и духовните активности на Јеховините сведоци во земјата или земјите кои ги надгледува нивната подружница.
Колку трае: Два месеца.
Кој може да присуствува: Одредени членови на Одборите на подружниците и нивните сопруги добиваат покана од страна на Главното седиште на Јеховините сведоци. Оваа школа се одржува во Образовниот центар на Јеховините сведоци во Патерсон (Њујорк).
На што се темели обуката што ја добиваат Сведоците?
Обуката што ја добиваат Јеховините сведоци секогаш се темели првенствено на Библијата. Ние веруваме дека таа е книга од Бог и дека ги содржи најдобрите упатства за секој аспект од животот на еден христијанин (2. Тимотеј 3:16, 17).
Дали Јеховините сведоци треба да платат за обуката што ја добиваат?
Не. Обуката е бесплатна. Активностите на Јеховините сведоци се поддржуваат со доброволни прилози (2. Коринќаните 9:7).
a Библијата и нашите алатки за проучување на Библијата, во кои се вклучени и видеоклипови, се достапни на нашата интернет-страница jw.org.
b Пионер е примерен крстен Јеховин сведок — машко или женско — кој секој месец има за цел да помине одреден број на часови во објавувањето на библиската порака.
c Старешините се духовно зрели мажи кои го поучуваат Јеховиниот народ на темел на Библијата и му пружаат пастирска грижа така што му помагаат и го храбрат. Тие не се платени за таквата служба.
d Покраински надгледник е објавител кој полновремено проповеда и кој секоја седмица посетува различно собрание во неговата покраина. Тој ги охрабрува своите духовни браќа и сестри преку говори кои се темелат на Библијата и така што заедно со нив учествува во службата на проповедање.
e Слуга-помошниците извршуваат различни практични задачи кои им се од голема помош на нивните соверници. Тоа им овозможува на старешините да имаат повеќе време за поучување и за пастирска грижа.
f Бетел е името на подружниците на Јеховините сведоци. Објавителите кои полновремено служат таму ги поддржуваат активностите на Јеховините сведоци на подрачјето кое го надгледува нивната подружница.
g Еден Одбор на подружница се состои од тројца или од повеќе духовно зрели мажи.